Земјоделство, земјоделска инфраструктура и безбедност на храна

Земјоделството е исклучително значајна гранка, која покрај тоа што придонесува во бруто-домашниот производ како трет по значење сектор во економијата, истовремено вработува близу до една четвртина од вкупното население. Со ова земјоделството позитивно влијае врз економската моќ и добросостојбата на населението, пред сè во руралните средини.

Земјоделското производство е силно распространето низ целиот простор на Република Северна Македонија. Карактеристична е ситната структура со околу 180 илјади фарми, од кои половина се многу мали фарми. Земјоделските производители управуваат со речиси една половина од територијата на земјата (1,2 милиони хектари), од кои околу половина милион хектари е обработливо земјиште. Земјоделството користи повеќе од 50 % од водата, а некои години достигнува и над 70 %. Ова го прави земјоделството исклучително значајно во управувањето со природните ресурси, како и воопшто за квалитетот на животната средина, имајќи предвид дека се користат големи количини агрохемикалии.

Најголемиот дел од земјоделското производство се одвива на отворено, резултатите силно зависат од условите на годината, а во голема мера и од метеоролошките услови, што доведува до варијабилност во продуктивноста. Меѓу другото, ова го прави земјоделството еден од најранливите сектори по однос на климатските промени, кои кај нас влијаат исклучиво негативно преку зголемените температури, намалените врнежи, зголемената сушност како и зголемената варијабилност во појавата на екстремните временски непогоди.

Северна Македонија, како земја кандидат за членство во Европската Унија, посветува особено внимание на земјоделството и на приспособувањето кон Заедничката земјоделска политика (ЗЗП) на Европската Унија, која важи за сите земји членки на Унијата.

При изработка на долгорочни стратешки и програмски документи, неопходно е да се анализираат низа показатели, кои ќе ги опфатат расположливите природни ресурси и другите капацитети, физичката и економската големина на стопанствата, производно-економските резултати, продуктивноста и производството на одредени земјоделски производи, со цел креирање политики што ќе ја зголемат конкурентноста на нашето земјоделство.

Земјоделската политика поддржува модернизација на земјоделските стопанства, преработките и маркетингот, но фрагментарното земјиште, ниското ниво на здружување и интеграција на земјоделците, слабиот пристап до технологии, иновациите и трансферот на знаење, остануваат главни предизвици.

  • Економски влијанија и предизвици;
  • Социо-економски влијанија и предизвици; и
  • Влијанија и предизвици во однос на животната средина и климатските промени.

Притоа, секако еден од најголемите предизвици претставува приспособувањето кон ЗЗП, која сè повеќе се движи кон еколошките аспекти, подмладување на секторот, безбедност и обезбеденост на храната и др.

Тематска анализа / дијагностика

Пополнете ја анкетата

RSM
UKAID RSM UNDP UNNM

Вклучете се!

Време е да се засилиме и да ја промениме иднината. Споделете го вашето мислење.

Учествувај

© Создаваме иднина заедно, НРС 2022-2042. Сите права задржани.