Социјална политика и пензиски систем

Овие области ги адресираат клучните социјални ризици во нашето општество. Целта е што поточно да се препознаат актуелните и да се антиципираат идните најзначајни социјални ризици, правилно да се разберат и да се врамат во вкупниот економски, технолошки, политички и развоен амбиент, и врз основа на тоа да се проектираат соодветни одговори на овие предизвици.

Сиромаштијата и социјалната исклученост. Како да се надмине долготрајната неприфатлива состојба што ги подрива темелите на заедницата каде што 21,6 % од вкупното население живее под прагот на сиромаштија, а дури 41 % во сиромаштија или во социјална исклученост? Какви долгорочни модели треба да се развијат за социјално вклучување на различните ранливи групи наши сограѓани? Како најцелисходно да се применат и да се унапредат современите трендови во социјалната заштита – плурализацијата, децентрализацијата и деинституционализацијата?

Згрижувањето и заштитата на децата. Состојбите со опфатот на децата во детските градинки и центрите за ран детски развој се крајно незадоволителни – само 28 % од децата се згрижени во системот. Стапката на сиромаштија кај децата изнесува дури 27,8 %. Ваквите бројки се неприфатливи и неодржливи затоа што најдиректно го намалуваат развојниот потенцијал на генерациите што доаѓаат.

Ризиците на староста и пензискиот систем. Постојаниот раст на уделот на популацијата над 65 години, кој интензивните миграциски текови дополнително го забрзуваат, создава нова социјална реалност што бара промена на пристапот во многу сфери на нашето живеење. Најважен предизвик останува како да се обезбеди финансиската одржливост и да се подобри правичноста на пензискиот систем. Капацитетите за институционално сместување на старите лица и обезбедување долготрајна нега се недоволни, а опфатот и квалитетот на социјалните услуги што се даваат во домот и во заедницата е далеку од задоволителен.

Придонесот на овие тематски области за развојот на земјата е од извонредно значење. Точното препознавање, доброто разбирање и соодветното адресирање на социјалните ризици се од клучно значење за одржување и унапредување на социјалната кохезија како темел на одржливото општество.

Тематска анализа / дијагностика

Пополнете ја анкетата

RSM
UKAID RSM UNDP UNNM

Вклучете се!

Време е да се засилиме и да ја промениме иднината. Споделете го вашето мислење.

Учествувај

© Создаваме иднина заедно, НРС 2022-2042. Сите права задржани.